Фондот за иновации и технолошки развој денеска во општина Ѓорче Петров ги претстави можностите кои ги нуди, а се однесуваат на млади истражувачи од училиштата. Имено, проектот на Фондот насловен “Предизвик за млади истражувачи” кој беше претставен во општината, подразбира истражувачки проекти во областа на природните и техничките науки.

Во истиот може да учествуваат сите основни и средни училишта од земјата со тимови составени од еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Проектот мора да вклучува формулација, тестирање и потврда на хипотеза по пат на експеримент и набљудување и да се основа на научен метод.

Од територијата на Ѓорче Петров, пак, заинтересираност за проектот за кој е одвен буџет од 1.500.000 денари за награди, покажаа претставници од сите училишта. Наградите се во две категории: научно-истражувачки проекти во основно и научно-истражувачки проекти во средно образование. Сите заинтересирани може да се пријават на www.fitr.mk/predizvikzamladi.