Во 2004 година , заради неисправна инсталација, се опожари стариот Дом за култура во селото Кучково ,Општина Ѓорче Петров. Општината и градоначалникот Сокол Митровски им ветија нов Дом на граѓаните и денес тоа е реализирано. Од темел се изгради нов објект за потребите на селото кој ќе има повеќе намени. Во 217 м2 сместени се простории за амбуланта, канцеларија за месната заедница, два тоалети , чајна кујна и повеќе од 100м2 зафаќа новата сала за состаноци.

Просторот пред влезот на Домот е поплочен со павер елементи, а просторот околу домот е расчистен и истио ќе биде посаден со трева и ќе бидат засадени и млади дрвца. Домот има и подрумски простории од околу 80м2. Локалното население не го крие своето задоволство што конечно има свое современо собиралиште каде што ќе можат да се среќаваат и да одржуваат средби. Председателот на месната заедница Томе Трајковски исто така не го криеше своето задоволство.

„Мислевме дека никогаш нема да имаме ново собиралиште. Иако во селово има малку староседелци сепак Домот ни беше од исклучителна потреба затоа што  наголемо се градат нови викенд куќи, а скопјани се почесто ги поминуваат викендите токму во нашето село и неговата околина. Гледам дека го подготвуваат теренот во центарот на селото за асфалтирање. Тоа навистина ќе придонесе за поубав изглед на пристапот до новиот Дом за култура. Благодарни сме им на градоначалникот и на општината за овој објект кој многу ни значи, изјави Трајковски.