Со химната на Р. Македонија и Панихида со која чиноначалствуваа свештеници од храмот св Петар и Павле на споменикот на паднатите бранители од конфликтот во 2001 година, погигнат во центарот на с. Волково, а во чест на Ивица Златевски, Томе Димоски, Раде Јанковски и Ацо Ангеловски, започна чествувањето на 16 годишнината од погибието на четворицата ѓорчепетровци кои своите животи ги дадоа за Македонија и нејзината сувереност.

На церемонијата присуствуваа делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот на Р. Македонија, општинската делегација предводена од градоначалникот Сокол Митровски, делегации на Советот, роднините на загинатите и други делегации кои положија цвеќе на споменикот кој е целосно обновен и целосно реконструиран во 2014 година.

Градоначалникот Митровски со делегација положи цвеќе и на споменикот на подигнат во чест на сите бранители во Реонскиот парк, а општинска делегација положи цвеќе и на спомен чешмата подигната во чест на Томче Насковски кој исто така го даде својот живот во конфликтот во 2001 година.