Санација на спортската сала, замена на подот од паркет и бојадисување на ѕидовите  се само дел од градежните активности на кои интензивно се работи во текот на летниот период во ООУ „Димитар Поп Георгиев- Беровски“. Во салата комплетно се менува подот  со што ќе добие нов модерен гумиран под. „Учениците наскоро ќе можат да ги изведуваат часовите по физичко образование во нова современа спортска сала, со што ќе се подобрат условите за учениците што е и наша крајна цел“ истакна директорката на училиштето, Јасмина Костадиновска.

Ова претставува голем инфраструктурен зафат, со што полека се комплетира модерниот изглед на училиштето. Средствата за овој зафат се обезбедени од буџетот на Oпштината Ѓорче Петров, а зафатот ќе чини над 2 милиони денари. Меѓудругото во текот на летниот период и во останатите општински училишта се работи со полна пареа. Во ООУ „Страшо Пинџур“ и ООУ „Ѓорче Петров“ се врши санација на дел од кровната конструкција и бојадисување на ѕидовите на спортската сала.  Во ООУ „ Тихомир Милошевски“ се врши поправка на спортската сала „Христо Батанџиев“ и помошните простории. Влезните врати од спортската сала ќе бидат заменети со нови, а ќе бидат комплетно обновени  и  седиштата на трибините. „Како општина, постојано се трудиме да ги подобриме условите во основните училишта во Ѓорче Петров. Свесни сме дека успешното учење  и работење зависи од средината во која престојуваат децата и токму затоа постојано инвестираме во оваа област“ истакна Градоначалникот Сокол Митровски.