Заврши летниот камп по англиски јазик кој се одржа во ООУ„Тихомир Милошевски“ , а на кој учествуваа повеќе од 60 ученици од сите основни училишта во Општината Ѓорче Петров. Како и во изминативе четири години така и овој пат овој проект ја имаше целосната поддршка од општината, а го реализираше невладината организација „ Корени“. Предавачи  беа наставници по англиски јазик од локалните училишта и студенти по англиски јазик од американски универзитети кои престојуваат во Македонија и се членови на невладината „ Корени“.

 

Покрај двегодишната работа со општинската администрација и одржување на повеќенеделни забрзани курсеви по англиски јазик, ваков камп за ученици се одржува по втор пат. Двете страни изразија желба за продолжување на соработката и во иднина затоа што овој проект се покажа како корисен и потребен, како за администрацијата така и за основците. Со кампот се постигна подобрување на вештините во изучувањето на англискиот јазик преку разни интересни активности, игри, изработки на цртежи и колажи, а  каубојските приказни кои самите учесници, со помош на наставниците, ги смислуваа , пишуваа и раскажуваа беа најинтересниот дел од летниот камп. По завршување на кампот беа доделени сертификати за успешно завршена обука.


 Сертификатите на предавачите и учениците им ги додели градоначалникот Сокол Митровски кој воедно им се заблагодари на сите учесници. Митровски ја  акцентираше потребата од надградување на знаењето на учениците и сите други учесници во воспитно-образовниот процес во основните училишта. „Ова е само уште една можност за  надградба на знаењето. Летниот камп овозможи да се стекнат сознанија за нови методи кои можат лесно да се применат, но и да се имплементираат во образовниот процес и се од интерес на учениците. Изучувањето на англискиот јазик ,но и другите јазици и нивната употреба во секојдневието е чекор поблиску до непречена комуникација со останатиот дел од светот. Се надевам дека максимално ги искористивте изминативе денови да научите нешто повеќе за најговорениот светски јазик, а исто така се надевам дека доброто познавање на јазикот ќе ви помогне секогаш кога за тоа ќе има потреба“, истакна Митровски и воедно им посака пријатен летен одмор на сите учесници.
Директорката на невладината „ Корени “, Рашел Нил изрази желба овој камп да стане традиционален во Општина Ѓорче Петров затоа што досегашните искуства покажаа позитивни резултати во интерес на сите инволвирани во овој проект.