Општина Ѓорче Петров и оваа година ја спроведе традиционалната сезонска акција за масовно чистење на сметот во пресрет на доаѓањето на пролетта. Акцијата ја спроведоа Јавните претпријатија на градот Скопје и вработените во општина Ѓорче Петров. Големата пролетна акција што се реализираше од 13 до 17 март на целата територија на општината беше поделена на три реони: реон 1 (кој ги опфати урбаните заедници Хром, Ѓорче Петров, дел од Мирче Ацев и Дексион), реон 2 (УЗ Мирче Ацев, Даме Груев и индустриската зона кај фабриките Адинг, Лафома и Карпош) и реон 3( руралниот дел на општината во рамките на кој се чистеше и патот кон селата Кучково и Орман ).

 

Вклучена беше и фирмата Екофлор која има добиено тендер за собирање смет во руралните средини на општината. Исчистени се и две поголеми диви депонии на улицата 1409 од Пунктот на ЕВН до Југосуровина, а на истата беше преземена голема акција за метење и перење со собирање ситен отпад.  Се собираше и кабаст отпад на неколку локации кои беа претходно одредени од општината , урбаните заедници и училиштата.


ЈП Паркови и зеленило на територијата на општината учествуваше со две екипи на терен и две специјализирани возила со платформа кои работеа согласно претходно утврдена агенда .Во реонскиот парк се кастреа крошните на дрвјата од суви гранки и гранки за кои постои опасност од кршење од ветер заради безбедност на граѓаните. Паркот беше разубавен со зелени дрвца, а беа засадени и садници со цвеќиња.     Во месните и урбани заедници се сечеа старите дрвја кои се во фаза на паѓање и преставуваат опасност за граѓаните , се кастреа дрвца во ООУ Ѓорче Петров , покрај ул. Борис Сарафов и Геронтолошки завод , се средуваше шеталиштето крај р. Вардар и автобуската постројката на последна 5-ка .