Деновиве отпочна акција за интензивно отстранување на ѓубре на поголемите депонии на територијата на општината Ѓорче Петров што со години го одлагаат несовесните жители од околината. Екипите и механизацијата на претпријатијата избрани за оваа намена започнаа со расчистување на депонијата во с. Ново село која се протега на површина од 20.000 м2. Во акцијата беа исчистени околу 40.000 кубни метри отпад , односно отстранети се градежен шут, кабаст отпад, стари електрични апарати и друго. Истата површина ќе се засади со садници и ќе се уреди со зелена површина. Екипите ќе продолжат и со чистење на коритото на реката Лепенец сè додека не се добие една уредна и чиста слика што ќе го разубави просторот- истакна градоначалникот Митровски.

Жителите од овој дел на општината се едногласни дека треба да се сменат навиките околу исфрлање на сметот . Во иднина сметаат дека е добро да добијат еден поголем и посодржаен рекреативен простор кој во тој случај би овозможил место за прошетка, рекреација и дружење за граѓаните од руралниот дел, но и за жителите од централните градски подрачја. Општината Ѓорче Петров апелира до граѓаните во иднина да не  се одлага  комунален смет и интерен отпад на диви депонии бидејќи строго ќе се применува законот за јавна чистота и ќе се преземат високи и ригорозни казни.